За концертот на хрватската поп – пејачка Јелена Розга в сабота во спортскиот центар „Борис Трајковски“ веќе се пристигнати и подготвени повеќе од 400 квадратни метри ЛЕД екрани, преку 300 светлосни тела и повеќе од 500 илјaди вати звук. Организаторот „Скајмјузик продукција“, регионалниот лидер во организацијата на најголемите музички настани и фестивали, најавува вистински спектакл.
„Почетокот на саботниот концерт (на 10 февруари) е закажан во 20:00 часот, а вратите на спортскиот центар ‘Борис Трајковски’ ќе бидат отворени од 18:00 часот. Она што треба да го знаат сите кои веќе имаат обезбедено место во салата, а со цел полесно доаѓање до локацијата за која е купена влезница, е дека соодветно ќе бидат означени и обележани сите позиции. Оние другите, пак, кои се уште не го набавиле својот билет, а сакаат да го сторат тоа да побрзаат бидејќи е останат уште ограничен број влезници“, велат организаторите.
Билети може да се купат преку www.efinity.rs, но и преку бесплатната апликација eFinity, како и преку веб-страницата www.kupikartizase.com и на сите нивни продажни места по цени од 1000 денари за партерот, 1500 за фанпитот, сребрените и златните седишта чинат 1300 и 1800 денари, додека влезниците за ВИП делот се продаваат по цена од 2200 денари. Фановите од Струмица, Радовиш и Штип со помош на „Евентум“ и „ТА Нова травел“ за 1700 денари може да си обезбедат влезница за партерот и превоз до Скопје и назад за 1700 денари.
На концертот в сабота организаторите најавуваат дека публиката ќе има можност да ја види Јелена Розга во сосема различно издание од досегашните.
„Речиси секоја нумера има посебна кореографија, а секоја песна има своја анимација и специјални ефекти и тоа почнувајќи од ласери до пиротехника. Бината е уникатна и по обликот и по големината, а посебните писти што влегуваат во партерот нудат уникатна можност оние за оние кои ќе бидат во првите редови“, најавуваат организаторите.
Јелена Розга на сцената во сабота во „Борис Трајковски“ ќе ги отпее своите најголеми хитови, но и песните кои го одбележаа времето кога беше дел од групата Магазин, каде и ја започна кариерата.