Големиот српски актер, Велимир Бата Живојиновиќ, од Алејата на заслужните граѓани во Белград ќе биде преместен во местото каде што е роден. Посмртните останки на овој легендарен актер ќе бидат преместени до 1 мај и ќе почива покрај сопругата Јулијана Лула Живојиновиќ како што сакал.
Оваа информација ја потврди неговиот син Миљко Живојиновиќ, кој истакна дека се испочитувани сите процедури и дека големата желба на неговите родители ќе се оствари:
„Во 2020 година ги добивме сите потписи и согласност посмртните останки на Бата да бидат преместени. Меѓутоа, тогаш започна короната и се запре. После тоа било откриено дека низ парцелата каде што требало да биде преместен, минувала водоводна цевка, која потоа била отстранета од водоводот. Потоа чекавме да помине некое време за да се среди земјиштето и сега се е решено, а може да почнеме и со постапката за преместување на посмртните останки на татко ми. Планот е тоа да се направи до 1 мај, а за точниот датум ќе бидете информирани“ – изјави за „Информер“ Миљко Живојиновиќ и додаде дека направил се што е до него:
„Сега одам во Аранѓеловац, нарачав бел мермер, па надгробната плоча ќе биде готова. Кога ќе дојде тој ден, според нашите стари верски и традиционални обичаи, ќе се изврши погребот и се што следи. Сите членови на нашето семејство се во процес и ќе присуствуваат тој ден, како и сите оние блиски луѓе кои сакаат. Бата конечно ќе почива покрај Лула, како што сакаа“, изјави Миљко Живојиновиќ.