Најдобро органско вино на Балканот за 2024 година е „вранец“ на винарницата „Брзанов“ од Скопје. Трофејот го доби во конкуренција на повеќе од 1.200 вина од Турција, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска, Грузија и од Украина на 13. балкански меѓународен вински натпревар и фестивал, кој се одржа во Турција и Бугарија.
„Среќен сум што објавувам дека ‘вранец органски еликсир 2020’, без сулфурен диоксид, е најдобро органско вино на Балканот за 2024 година. Ова е нашата втора награда за трофеј по најдоброто суво црвено вино 2021 за ‘занаетчиска сира 2016’“, објави Антонио Брзанов, сопственик на винарницата „Брзанов“.
По наградата, најави дека ќе го зголемат органското производство со повеќе сорти грозје.
Винарницата постои од 2004 година, има капацитет од 50.000 литри и има над 27 етикети бели, црвени, оринџ, ликерни и органски вина.
На годинешниот балкански вински натпревар, заедно во „вранецот“ на Брзанов, награди добија 162 македонски вина.