Новото истражување сугерира дека редовното консумирање на една чаша млеко дневно може да го намали холестеролот, како и ризикот од срцев и мозочен удар.
Како што пишува „Daily Record“, луѓето кои редовно консумираат млеко имаат 14 отсто помал ризик од коронарна срцева болест, според студијата која опфати речиси два милиони луѓе низ Велика Британија и САД.
Овој евтин пијалок што речиси сите го имаме во фрижидерот може да има значителни здравствени придобивки.
Беше спроведена сеопфатна анализа со здружување на податоците од Биобанката на Обединетото Кралство, Британската група за раѓање од 1958 година и Студијата за здравје и пензионирање во САД, која не најде поврзаност помеѓу редовното консумирање млеко и покаченото ниво на холестерол.
Откриено е дека оние кои консумирале големи количини млеко имале пониски нивоа на масти во крвта, вклучувајќи го и ЛДЛ, т.н. лошиот холестерол кој ги блокира артериите и ХДЛ, т.н добар холестерол, и покрај тоа што имаат повисок индекс на телесна маса (БМИ) од оние кои не пијат млеко.
Покрај тоа што е важно за градење на коските, млекото е богато и со витамини. Се смета дека одредени хранливи материи кои се наоѓаат во млечните производи, како што е магнезиумот, помагаат да се спречи губењето на меморијата. Покрај тоа, овие хранливи материи можат да понудат заштита од срцеви заболувања и висок крвен притисок, а со тоа да се зачува функционалноста на мозокот.