„Бела ноќ“ по 20-ти јубилеен пат ќе се одржи во сабота (05.10.2024) на неколку локации низ Скопје, настанот претставува симбол на културно-уметничкиот живот на скопјани, и со низа активности секоја година ја збогатува понудата на културно-уметнички настани во Скопје.
Скопјани и посетителите ќе имаат можност да уживаат во театарски спектакл на отворено, музички настани, изложби, проекции, работилници и други културно-уметнички перформанси на десетици локации низ градот.
Централната манифестација ќе започне со настап на француската театарска група „Compaigne des quidams“ со дефиле и спектакл на отворено кој ќе започне од Музеј на град Скопје преку улица Македонија, Плоштад Македонија, преку Камени мост па се до паркот Ибни Пајко каде ќе кулминира со 3Д мапинг.
Покрај театарскиот спектакл, ќе се одржи и концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“ на истата локација, а на „Школка“ во Градски парк ќе се одржи поп рок концерт на Култи Ватор. Во клуб ресторан МКЦ ќе се одржи меѓународен фестивал на електронска музика со настап на Ди џеј Томи Бојаџи (Македонија), ди џеј Dee (Србија), ди џеј Geri Kacerija (Албанија) како и видео артистот Петар Џон.
Под браната Матка ќе се одржи ЕХО фестивал на планински филм со ноќно кино на кое ќе се прикажуваат победничките филмови од минатите изданија. Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе се претстават со „Осветлено илуминирано урбано наследство во Куќата на ДЛУМ („Илинденска“ бр. 63).
Во „Лабораториум“ ќе се одржи мултимедијален микс на културни и уметнички изразувања кои го отелотворуваат духот на Скопје и неговата креативна заедница под наслов „Стоногалка“, а во кафулето „Излет“ ќе се одржи изложба на постери илустрации и стрипови на Славица Купенкова.
Низа активности и настани ќе понудат и културните институции во Скопје, па така во библиотека „Браќа Миладиновци“ – Друштвени игри за раскажување приказни, во „Музеј на македонската борба“ – изложба „100 години од смртта на Арсени Јовков, изложба „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“, изложба за жените во македонската историја под наслов „ И тие се херои“.
Во „Културно информативен центар“- КИЦ – изложба на слики „ Еffortles“, групна изложба на фотографии на Зрно Фестивал „ Танцот на фотоните, групна изложба по повод наградата Борко Лазески со „ Резонанца“, концерт на Ана Мазнејкова на пијано под наслов „ Годишни времиња“.
Во национална галерија „Даут Пашин Амам“ – изложба „Сенки во облаците“ на Емил Шулајковски, јубилејна изложба по повод 120 години од раѓањето на Томо Владимирски.
Во Музеј на современа уметност – самостојни изложби на победниците 14 тото меѓународно Биенале на млади уметници, изложба на Серхат Емрулаи со инсталацијата „ Се селиме на нова локација, изложба на Наџа Крачуновиќ „ Во име на мајка, во презиме на татко“, изложба (исцртување на ѕидови) на Дан и Лиа Пержовски
Во Дом на култура „ Кочо Рацин“ – изложба под наслов „Бескрајна приказна за една точка“ на Марија Чепишева. Во Македонски народен театар МНТ-Театарска претстава„ Кец на десетка“. Во „Детски културен центар Карпош“ ДКЦ -натпревар „Инструменти на моите предци“ и ликовна изложба, а во Кинотека на Македонија – проекција на филмот „A Bucket od Blood“ од Роџер Корман.
Целосната програма со распоред, локации и учесници може да се погледне на www.univerzalna.com.mk/belanok. Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите.
Настанот е во организација на ЈУ Универзална сала, a финансиран од Град Скопје.