Со првиот македонскиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски, во вторник ќе биде отворено најновото 9. издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова во Скопје.
Директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ, објави дека и годинава сите светла ќе бидат вперени кон македонската филмска продукција за афирмација и меѓународна промоција на македонскиот филм.
„Овогодинешното фестивалско издание на МФФ Киненова 2024 ќе биде отворено со првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, на нашиот драг колега и посветен режисер, Гоце Цветановски. Филмот истовремено е дел и од главната натпреварувачка програма“, рече Јовановиќ.
Како што додаде, се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите никогаш.
Селекторот на главната програма, Игор Анѓелков, најави дека предјубилејното издание на „Киненова“ носи шест силни авторски остварувања од различни кинематографии.
„МФФ Киненова“ секоја година дава значаен и суштински придонес во надополнување на филмското образовани во државата, преку специјализирани работилници.
„Оваа година имаме автентична работилница за развој на идеи и сценарија за кратки филмови кои се засноваат или се инспирирани од реални случувања, конкретен настан или постоечки лик. Работилницата, низ специфичен и јасно дефиниран процес ќе ја води професорката, драматург и сценарист од Атина, Ерини Демирцаки“, информираше Јовановиќ.