Актерот Сашко Коцев ги негира тврдењата дека прегазил полицаец.
Тој во изјава за „СДК.мк“, рекол дека човекот кој му се обраќал ниту бил униформиран ниту се легитимирал дека е полицаец.
Коцев изјавил дека полицаецот удрил со рака во неговото возило и ја вознемирил ќерка му која тој ја земал од час по музичко.
„Јас не ни знаев дека тоа е полиција, туку мислев дека се некои од обезбедување кои затвориле уличка. На прашањето: ‘Кои сте вие да затворате улица?’, ми рекоа ‘Сега ќе видиш кој сум’. И стоеше пред колата. Детето почна да плаче, јас од паника само ја придвижив колата, тој се тргна и заминав. Следна информација е оваа објава по порталите која е невистина. Немав никаква намера да прегазам никого“, изјавил Коцев.
МВР соопшти дека вчеравечер околу 19.15 част во Скопје, на подрачјето на Центар, „С. К. управувајќи возило ‘фолксваген’ не застанал на знак за запирање даден од полициски службеник кој извршувал службени дејствија, агресивно се однесувал, по што со возилото го удрил полицискиот службеник и го напуштил местото.“