Општина Центар информира дека во недела, 27 април во 12.00 часот, во Дебар маало, кај спомен-клупата посветена на големиот драмски автор Горан Стефановски ќе се одржи настанот „Горан е тука“, по повод неговиот 73-ти роденден. На местото каде во 2019 година беше засаден чинар во негова чест – во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ – љубителите на театарот, пријателите, семејството и почитувачите на делото на Стефановски ќе се соберат да му оддадат почит.
Градоначалникот Горан Герасимовски, истакнува дека на одбележувањето на роденденот на Горан Стефановски ќе настапи музичката група „Аудио Скопје“, ќе се читаат одбрани текстови од и за Горан, во изведба на Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ. Со свои настапи ќе се приклучат и пријатели од младоста, актери и уметници, Дарко Вељиќ ќе изведе пантомима, а Игор Стефановски ќе приреди музички сет како симболичен поздрав до ликот и духот на својот татко.
„Горан Стефановски не беше само писател – тој беше совеста на едно време, гласот што не потсетува кои сме и каде одиме. Неговите зборови сè уште одекнуваат во културниот простор на Македонија, во нашите мисли, во улиците на Дебар Маало. Со секој збор што го напишал, тој создал светови во кои се огледува нашето минато и иднина. За нас е чест што преку овој настан, дел од Програмата за култура за 2025, му оддаваме почит на еден од најголемите умови што ги имала оваа земја. Придружете ни се во овој свечен и искрен омаж на човекот чиј дух продолжува да живее преку неговите реченици и идеи. Горан не е само спомен – тој е присуство. Горан е тука“, вели Герасимовски.
Организатор на настанот е Здружението на граѓани Тим Театрос К од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски.