Бесплатен влез, над 30 музички ѕвезди и хуманитарна мисија на Д ФЕСТИВАЛ во Штип

Д Фестивал, најголемиот летен open-air музички фестивал во Македонија оваа година одбележува јубилејно 15 издание кое ќе се одржува од 4 до 6 јули во Штип и со бројни новости во својот програмски концепт.

Најголем дел од програмата го сочинуваат домашните артисти, а во таа листа ќе се запишат дел од најрелевантните претставници на современата македонска музичка сцена, уметници кои со своето дело веќе оставија неизбришлива трага, но и сѐ уште ја восхитуваат музичката јавност со своето творештво и сценски изведби: АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ кој ќе настапи заедно со TK WONDER и ROOTSMAN I, МИЗАР, ФОЛТИН, ЉУБОЈНА, ПИЈАН СЛАВЕЈ, ПАРКЕТИ.

Покрај нив, ќе настапат и водечките претставници на новата македонска музика: ДИНА ЈАШАРИ, PEACH VICE, DOPE KUKJATA, Последен удар, Princess Donatsu, Don Playa, ZEE & Matej Foltz, Кем, Moira, Nikartic, Gwass, диџеите Флудер и Мана.

Од светските ѕвезди, на Д Фестивал доаѓаат британските дарк-рок пионери THE SISTERS OF MERCY! Ова е култно име на глобалната дарквејв сцена и бенд кој повеќе од четири децении го восхитува светот со својот препознатлив звук и интензивни сценски настапи.

Од Јамајка во Штип ни пристигнуваат и вистинските легенди INNER CIRCLE! Со хитови како “Bad Boys”, “Sweat (A La La La La Long)” и многу други, ова е несомнено еден од најголемите реге бендови на сите времиња.

Фановите на најжестокиот звук пак, ќе имаат чест да уживаат во настапот на култниот бразилско-американски метал бенд SOULFLY, предводен од славниот Макс Кавалера.

Најзаразниот рефрен од актуелниот избор за песна на „Евровизија“ пристигнува на Д Фестивал со третопласираниот артист од финалето, TOMMY CASH, рап изведувачот, танчер и визуелен уметник од Естонија.

На Д Фестивал годинава нема да изостанат ниту ѕвездите од регионот, па македонската публика ќе има прилика да ги погледне секогаш импресивните и извонредни БУЧ КЕСИДИ – убедливо највозбудливиот бенд на новата балканска поп-рок сцена и С.А.Р.С. – докажано еден од најомилените бендови на овие простори.

Кон оваа листа на изведувачи наскоро ќе бидат додадени и нови имиња, а публиката на Д Фестивал ќе има привилегија да биде дел од тридневниот музички маратон со бесплатен влез за сите посетители, од 4 до 6 јули во Штип.

Scroll to Top