Пред една недела, на „Нетфликс“ пристигна документарната серија „Фред и Роуз Вест: Британска хорор приказна“, која се фокусира на еден од најстрашните случаи на сериски убиства во британската историја.
Фред и Роуз Вест се запаметени како брачен пар кој извршил низа грозоморни злосторства во британскиот град Глостер помеѓу крајот на 1960-тите и крајот на 1980-тите: киднапирање, мачење, силување и убивање жени и девојчиња. Меѓу жртвите беа и нивните ќерки, Хедер и Шармејн, чии останки подоцна беа пронајдени закопани под семејната куќа на улицата Кромвел.
Фред и Роуз Вест беа уапсени во 1994 година, откако полицијата доби налог за претрес и ексхумација на нивниот имот. Фред Вест, обвинет за 12 убиства, си го одзеде животот во затвор во 1995 година, пред да може да се соочи со судење. Роуз Вест моментално отслужува доживотна казна затвор откако беше осудена за 10 убиства.
Фред и Роуз Вест имале десет деца, а документарецот започнува кога полицијата ги открива останките од нивната ќерка Хедер Вест во нивниот дом. Хедер исчезна во 1987 година, а нејзините родители со години даваа контрадикторни изјави. Во февруари 1994 година, нејзините останки беа пронајдени под поплочен простор во задниот двор. Фред Вест беше уапсен и призна во интервјуата со полицијата во Глостер дека тој ја убил Хедер.
Почнувајќи од 1967 година, Фред киднапирал, силувал и убил најмалку 12 млади жени, додека Роуз била осудена за 10 убиства кои датираат од почетокот на 1970-тите. Каролин Овенс, поранешната дадилка на семејството Вест во 1972 година, во серијата опишува како Фред ја поканил да се придружи на „сексуалниот круг“ меѓу него и Роуз. Еден ден се онесвестила и се разбудила врзана, со заврзани очи и со крпа во устата, на душек на подот. „Тогаш започна сексуалната злоупотреба“, рече Овенс.
Фред Вест ја нарече нејзината приказна „чиста бесмислица“ при полициското испрашување. Друга жена, Ширли Робинсон, имала афера со Фред и дознала дека е бремена. Кога таа се заканила дека ќе ѝ каже сè на Роуз, која тогаш била во болница по породувањето, Фред ја убил.