Општина Кисела Вода синоќа го прослави својот 70-ти роденден и го отвори Културното лето 2025, кои годинава се одвиваат под слоганот “Се’ на свое место”.
Над 30.000 посетители од цело Скопје, од цела Македонија, како и од соседна Србија, Бугарија и Грција, беа дел од настапот на светската ДЏ ѕвезда Роџер Санчез.
Сцената ја отвори ДЏ Матс со енергичен сет, а по него следуваа одличните настапи на ДЏ Ампов и ДЏ Деан Мицкоски, кои ја подгреаја атмосферата до максимум. Ноќта кулминираше со појавувањето на американскиот диџеј и продуцент Роџер Санчез, кој ја раздвижи публиката со двочасовен сет кој ќе остане запаметен како едно од најголемите музички доживувања во Скопје.
Пред почетокот на главниот настап, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски го честиташе роденденот и потоа, заедно со водителот Сашко Коцев, го поставија последното парче од сложувалката во форма на голема карта на Скопје, делот со обликот на Кисела Вода. Публиката со аплаузи го поздрави коментарот на градоначалникот Ѓорѓиевски кој порача: „Сега се’ е на свое место.“
-Обединетоста што ја видовме вечерва е најголемата потврда дека сме на вистинскиот пат. Конечно, оваа година сè доаѓа на свое место. И не заборавајте – најдоброто допрва доаѓа!-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, посакувајќи им добра забава на сите присутни.
Културното лето продолжува и во следните денови со бројни концерти, настапи и театарски претстави кои ќе се одвиваат на повеќе локации.