Уште една светска премиера од плодната соработка на нашиот, а светски тенор Благој Нацоски и композиторката Дарија Андовска.
Во изведба на Благој Нацоски и Андреа Скалцо, првпат прозвуче најновата композиција „Море сокол пие“ од Андовска на деветтото издание на PianoLab фестивалот во Италија.
PianoLab е мобилен фестивал на пијаното, создаден од La Ghironda APS, кој од 2017 година ги обединува музиката и архитектурата преку концертни перформанси во историски вредни места на југот на Италија (Пулија и Матера).
Фестивалот го слави „кралот на инструментите“ – пијаното – во формат отворен за сите: професионалци, студенти и ентузијасти. Програмата се состои од соло рецитали, специјални настапи на светски пијанисти, воведни концерти и главен настан „Suona con noi“ — маратон на пијано низ градското ткиво.
Во последното, осмо издание (2024), фестивалот траеше од 5 јули до 1 септември, со учество на познати уметници и над 200 изведувачи за два дена во Ceglie Messapica, создавајќи магична атмосфера и зајакнување на културниот туризам на регионот.
Овогодишното деветто издание на „Suona con noi“ — маратонот на пијано се прошири и со рецитали со глас и пијано. Се одржа на 11 и 12 август во три локалитети на Мартина Франка и 20 концерти во тие два дена. Рециталот на Благој Нацоски и Андреа Скалцо беше едно музичко патување од Хендл, преку Белини, Тости, Пучини, Масне, се’ до дела од Бенџамин Бритн и светската премиера на „Море сокол пие“ од Дарија Андовска, специјално напишана за оваа прилика и посветена на Нацоски.