Карпош пулсираше во ритамот на етно звуците

Енергичниот настап на виртуозот на изворни народни инструменти, Стефче Стојкоски во придружба на ансамблот „МакЕдинство“, ја одбележа втората вечер во рамки на „Карпошовото културно лето 2025“. Во спонтана атмосфера пред многубројната публика, искусните музичари се претставија со широк опус на староградски изворни македонски песни и ора кои ги воодушевија присутните посетители.

Нивниот концерт беше заокружен со живописната сценографија и кореографија, во која доминираа впечатливите детали од македонските народни носии кои се дел од домашниот фолклор и кои ја нагласуваат идентитетската црта на нашето традиционално творештво.

Инаку, Стојкоски започнал да свири на кавал на седум, а веќе на девет годишна возраст ја имал првата аудио снимка. Во 1997 година тој формира свој ансамбл на народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“. Во над триестгодишната кариера има издадено повеќе аудио и видео материјали, а работи и на филмска музика, при што има настапувано низ повеќе држави ширум светот.

Scroll to Top