Чекајќи 11 часа на итната помош, мајка му почина во болка – од тивка загуба до гласна борба

Британскиот здравствен систем се соочува со сериозни проблеми и често не успева адекватно да одговори на потребите на граѓаните, а еден од најпотресните примери доаѓа од Лестершир.

Во сведоштво за „Метро“, синот на починатата жена отворено го сподели болното искуство, кое укажува на преоптовареноста на службите за итна медицинска помош.

„Додека мајка ми лежеше на подот, во болки и лишена од достоинство, ме праша: ‘Кога ќе дојде помошта?’ Тие зборови засекогаш ќе ме прогонуваат, бидејќи не знаев што да ѝ одговорам, ниту можев да ѝ понудам утеха каква што заслужуваше,“ раскажува синот, чие мајка Џеки (78) починала од сепса.

Сè се случило на 10 јули 2022 година, кога Џеки паднала во својот дом и го активирала алармот за итни случаи. Синот веднаш дошол и ја затекнал како лежи неподвижна на подот од спалната соба. Пријателот кој бил со него се јавил на итната помош — во 5 часот наутро.

„Нè предупредија дека чекањето може да трае и до 10 часа, но нè уверија дека тоа сигурно нема да се случи. Мајка ми се жалеше на болка во ребрата, па по нивна препорака, ја оставивме да лежи без да ја поместуваме,“ објаснува тој.

Но, помошта не пристигнала. Во текот на следните 11 часа, синот повеќепати се јавувал на бројот 999, барајќи да се ажурира итноста на случајот.

„Им велев дека мајка ми е стара, повредена, во болки и плаче. Секојпат го добивав истиот одговор – некој ќе дојде што е можно побрзо,“ раскажува тој.

Чувството на немоќ било поразително.

„Се двоумевме дали сами да ја однесеме во болница, но ни рекоа да не ја мрднуваме поради ризик од внатрешни повреди. Времето минуваше, а надежта слабееше.“

Кога конечно пристигнал првиот медицински техничар, веднаш повикал амбулантна екипа. Итната помош стигнала по половина час. Персоналот бил човечен и професионален — но немоќен.

Џеки била пренесена во болница. На почеток изгледало дека ќе закрепне, но следното утро синот добил повик да дојде веднаш.

Инфекцијата, која на почеток не се поврзувала со падот, брзо преминала во сепса. Неговата сестра итно допатувала од Дубаи и стигнала точно на време да се прости. Џеки починала истата вечер — само 48 часа по падот.

„Сè се случи многу брзо, а сепак имав чувство дека времето застана. Кога таа ноќ излегов од болница, бев скршен. Не можев да сфатам како од обичен разговор стигнавме до загуба — за само два дена,“ вели тој.

Во неделите по нејзината смрт, болката се претворила во гнев.

„Почнав да истражувам колку чекаат луѓето на итна помош и бев шокиран — нашата приказна не е единствена. Илјадници луѓе во Британија го доживуваат истото, а некои, за жал, и сличен крај.“

Според The Health Foundation, бројот на пациенти кои чекале над 12 часа на прием достигнал рекордни нивоа. Доцнењата при предавањето пациенти меѓу амбулантите и болниците биле полоши отколку во која било претходна зима.

„Зад секоја бројка се крие човек, семејство, болка — како нашата,“ вели тој. Тоа сознание го поттикнало да се активира.

Оттогаш, станал еден од најгласните активисти за реформа на здравствениот систем. Се залага за повеќе финансирање, пократко чекање на итната помош и целосна реформа на социјалната грижа.

Тој денес јавно зборува за семејната трагедија, се приклучил на групи како Just Treatment, и постојано апелира до надлежните: „Ниту едно семејство не смее да минува низ ова. Системот мора да се промени – и тоа веднаш.“

Scroll to Top