Музичкиот проект „Луциден сон“ ја претстави својата нова песна „Тајната“ – втор сингл и прв видео запис на проектот, снимен на повеќе локации во и околу Прилеп.
Видеото, во режија на Елена Мелончели од Италија и продукција на Чиветте студио, ја пренесува интимната и визуелно впечатлива приказна на песната, во која играат Марија Јовеска и познатата прилепска актерка Даниела Иваноска.
Автор на музиката и текстот е Костадин Стојаноски, кој вели:
„Понекогаш, на некои работи им треба време да созреат, да искрчкаат, да се склопат сите коцкички за сонувањата да продолжат да се остваруваат. ‘Тајната’ е приказна што ја носам одамна, и ми беше важно токму во Прилеп да добие своја визуелна форма.“
Вокалот во песната го изведува Гоце Кантар, а на пратечки вокали се јавува Николина Василевска, чиј глас прекрасно го заокружува звучниот пејзаж.
Аранжманот е на „Луциден сон“, а продукцијата, миксот и мастерингот ги потпишува Savo Karelian Production (Финска).
„Тајната“ е објавена преку издавачката платформа Amuse, а видеото може да се погледне на YouTube.