Македонските ветерани „SIZ“ со нов пост-панк албум „This is SIZ“, наскоро и винил издание во Скопје и Белград

Македонските андерграунд ветерани „SIZ“ со гордост го претставуваат албумот „This is SIZ“, кој е достапен на сите дигитални платформи, како и на Bandcamp. За неколку месеци, албумот ќе биде објавен и на плоча, во лимитирано издание на домашната „Green Hill Records“ и „Pop Depresija“ од Белград.

Албумот „This is SIZ“ ја спојува суровата енергија со ефектни аранжмани. Нема ни еден момент на мир – ова е сведена, експлозивна музика што врие од идеи и емоции.

„Ова е музика за танц и музика што те тера да размислуваш. Го направивме албумот во кој е вграден ДНК-то на SIZ. Ова сме ние, ова е SIZ.“ велат Ивица и Јане.

SIZ се Ивица Димитријевиќ (гитара и вокал) и Јане Трајковски (синт и електроника). Во повеќе од една деценија постоење, тие имаат објавено четири студиски албуми: „Responsibility“ (2012), „Wake Up“ (2013), „This is not a showbiz“ (2014) и „Essence“ (2015).

На „This is SIZ“ се наоѓаат 12 песни, од кои девет се новоаранжирани верзии на претходно објавени песни, и три сосема нови. Албумот е снимен и миксан во Скопје од Јане Трајковски, а за мастерингот беше задолжен Виле Хивонен од Хелсинки. Продукцијата е на бендот, кој го задржа својот препознатлив DIY (направи сам) пристап и целосна уметничка слобода. Дизајнот на обвивката од албумот е дело на Коста Лазаревски.

Легендарниот музички новинар Џон Роб своевремено вака ги опиша SIZ: „Тоа е возбудлив и енергичен судир на рифови, со самоувереноста на Џон Спенсер и инвентивниот гитарски дијалог на Fire Engines. Тоа е фри џез, тоа е панк рок, тоа е фанк… Ова не е мрзлив ноиз, туку високо интелигентен судир на рифови што потсетува на остриот, аголен британски пост-панк. SIZ градат храбра нова иднина од реликвиите на пост-панкот и звучат целосно возбудливо и поинаку“.

Scroll to Top