Изложба на колажи и графики од Ивана Мојсовска Головска и Ема Димовска во Скопје

Изложба на колажи и графики од Ивана Мојсовска Головска и Ема Димовска во Скопје организира Културно-информативниот центар – Скопје. 

„Room 93“ — Ивана Мојсовска Головска

Во интимниот свет на серијата колажи на Ивана Мојсовска Головска, просторот станува и засолниште и замка – псохолошки простор во кој фигурата ја преиспитува сопствената присутност. Во овие надреални сцени, блискоста и изолацијата се две лица на истата желба за поврзување. Свет што се шири до бесконечност, но во себе носи клаустрофобија. 

Ивана Мојсовска Головска (р. 1993) е визуелен уметник чиј експресивен и експериментален пристап го дефинира нејзиното творештво. Дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство, каде што и денес живее и работи како независен уметник.

Нејзината практика опфаќа различни медиуми — сликарство, колажи, фотографија, инсталациja и сценографиja — преку кои таа често ја прикажува човечката емоционална комплексност во современиот свет. За неа, уметноста е начин за соочување со суровите и длабоко лични вистини на постоењето; нејзините дела ги изразуваат овие емоции преку апстрактни и експресивни форми, интензивирајќи ги чувствата на изолација и одвоеност. Во последните неколку години, Мојсовска го насочува своето внимание кон колажот — медиум што го истражува како простор на интимност, фрагментација и современа осаменост.

До сега има реализирано пет самостојни изложби, и има учествувано на повеќе од дванаесет групни изложби. 

Награди:

2017 – „Четирите Мајстори на Модернизмот“, Галерија ФЛУ, Скопје

2023 – „The New Balkan Artistic Generation“, Osten Art Festival 

„Which Self Ate Which Self“ — Ема Димовска

Серијата графики на Ема Димовска претставува визуелен запис на внатрешен процес во кој мислата се дели, набљудува и распаѓа. Формата не опишува, туку го анализира мигот на сопственото губење. Линијата и зборот делуваат како две свести што се одвојуваат и повторно се проголтуваат една со друга, создавајќи простор на постојано преклопување.

Делата ја откриваат тензијата меѓу субјектот што создава и субјектот што е предмет на сопствено испитување. Таму, во меѓупросторот помеѓу волјата и распадот, уметноста се појавува како доказ дека секое „јас“ е процес, а не форма.

ЕМА ДИМОВСКА (1994, Охрид). Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2019), оддел графика. Ја добила наградата за најуспешно графичко дело на изложбата „Студентска графика – Драгутин Аврамовски-Гуте“ (2016). Учествувала на неколку групни изложби во земјава и странство. 

Изложбата ќе биде отворена до 08.11.2025 година.

Текстот Изложба на колажи и графики од Ивана Мојсовска Головска и Ема Димовска во Скопје е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top