Изложба „Точка на спојување“ на младите уметници Јоана Арсовска и Јана Николовска во КИЦ Битола

На 15 ноември, сабота, во 19:00 часот во Алтернативен галериски простор – КИЦ Битола, Офицерски дом ќе биде отворена изложбата „Точка на спојување“ на младите ликовни уметници, Јоана Арсовска и Јана Николовска.

Изложбата ќе претстави нови дела од нивното творештво, создадени во периодот после дипломирањето. Авторките се дипломирани сликари со конзервација и реставрација, и двете во класата на проф. Антони Мазневски. Јоана Арсовска истражува теми од секојдневието, додека Јана Николовска го насочува своето внимание кон спиритуалноста, теми кои ќе се обидат да ги спојат преку оваа изложба.

Алтернативниот галериски простор на КИЦ Битола се состои од три засебни простории, флуидно поврзани со што се формира една интересна целина и во исто време им овозможува на авторките да се претстават секоја пооделно со своите дела, сретнувајќи се во средишниот простор. Едната од Скопје, другата од Битола, иако различни во својот уметнички израз, во уметноста ја наоѓаат својата точка на спојување.

Јоана Арсовска и Јана Николовска се дипломирани сликари со конзервација и реставрација, дипломирале во 2023г. На Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Антони Мазневски. Своето уметничко образование го започнале во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ Скопје, на отсекот сликарски дизајн.

Во текот на нивното образование ги поставуваат основите на својот автентичен уметнички јазик и идентитет кој успешно го истражуваат и постојано надградуваат. И двете учествувале во групни изложби, како во текот на студирањето така и после дипломирањето. Учествувале и во други значајни проекти поврзани со нивната струка

Оваа изложба е проект на ЈОУ КИЦ Битола, финансиран од Министерство за култура и туризам, како проект од национален интерес од културата за 2025.

Текстот Изложба „Точка на спојување“ на младите уметници Јоана Арсовска и Јана Николовска во КИЦ Битола е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top