Групна изложба на осум хрватски уметници „Инфра ред – уметност на иднината“ во Скопје

Групна изложба на осум хрватски уметници: Дијана Назор Чорда, Ивана Ожетски, Марија Галиќ, Нада Жиљак, Јана Жиљак Гршиќ, Вилко Жиљак, Ивица Фиштер и Ивана Жиљак Станимировиќ со наслов „Инфра ред – уметност на иднината“ ќе биде отворена на 25 ноември, вторник, во Мала станица, со почеток во 20 часот. Куратор на изложбата е Санда Станаќев Бајзек.

Во рамките на Годишната програма на Националната галерија на Македонија, ќе биде отворена групната изложба под наслов „Инфра ред – уметност на иднината“. Изложбата, која е финансирана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, се реализира на иницијатива и во соработка со Хрватското здружение на ликовни уметници и критичари.

Куратор на изложбата е Санда Станаќев Бајзек, претседател на здружението, и истата претставува осум хрватски уметници: Дијана Назор Чорда, Ивана Ожетски, Марија Галиќ, Нада Жиљак, Јана Жиљак Гршиќ, Вилко Жиљак, Ивица Фиштер и Ивана Жиљак Станимировиќ.

Според кураторката Санда Станаќев Бајзек „Уметничкиот израз кој во себе носи особини на ново, и на формално и на изразно ниво, кој ја менува перцепцијата и ги разоткрива сликарските тајни претставувајќи своевиден визуелен феномен, се крие под името – InfraredArt (инфрацрвена уметност) и INFRAREDESIGN (инфрацрвен дизајн). Го претставуваме преку примери на уметници кои сликаат таканаречени „инфрацрвени слики“ или продуцираат со графички печат, како ново и различно создавање визуелно дело. Тоа создавање е втемелено на перцепцијата на бојата, односно на нејзините физички карактеристики, поточно на карактеристиките на светлината, а го има искористено и хрватскиот научен тим што ја создаде денес веќе добро познатата метода за продуцирање двојна слика – „infraredesign“ (инфрацрвен дизајн) и „InfraredArt“ (инфрацрвена уметност). Тоа се посебно креирани компјутерски графики и уметнички слики со двојна и различна содржина за визуелното и за инфрацрвеното подрачје. Едната е видлива со голо око на дневна светлина, а другата на инфрацрвена бранова должина само со помош на инфрацрвена ЗРГБ камера. Како нов начин за дизајнирање со помош на графиката, односно уметничкото сликање, иницираше и истражување на тоновите на стандардните бои и пигменти што се разликуваат по својството на апсорпција на инфрацрвената светлина, бидејќи секоја од сликарските бои може да се направи на безброј начини, а да го задржи истото својство на апсорпција на светлината во видниот спектар на човечкото око, а да има потполно различни својства во блиското инфрацрвено подрачје… Оттаму, “InfraredArt“ не е само презентација на технологија. Тоа е нов ликовен израз, сосема оригинален и единствен пристап на претставување, односно создавање слика.“

Во рамките на изложбата, на 26 ноември 2025 година (среда), во 19 часот (објект Мала станица), Ивана Ожетски ќе одржи презентација под наслов „InfraredArt – перцепција на бои надвор од видливиот спектар: презентација на инфрацрвено сликарство со проекција на филм за “InfraredArt“.

Текстот Групна изложба на осум хрватски уметници „Инфра ред – уметност на иднината“ во Скопје е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top