Плоштадот во населеното место Марино за време на викендот беше центар на празнична магија, радост и заедништво, каде голем број граѓани од сите возрасти уживаа во новогодишната магија на „Патека на радоста“, во организација на општествено одговорни компании и под покровителство на Илинден, извести Општината.

„Настанот изобилуваше со богата и разновидна програма, наменета за сите возрасти, но со посебен акцент на најмладите жители: детски анимации, музички и сценски настапи, театарски претстави, како и кловновски и магионичарски изведби, кои создадоа ведра атмосфера и донесоа бројни насмевки кај посетители. Голем интерес и радост кај децата предизвика и пристигнувањето на Дедо Мраз, кое дополнително придонесе во будење на празничниот дух“, велат од општина Илинден.

„Вечерните часови беа исполнети со музички настапи на познати и млади македонски изведувачи и ди-џеи, како Јанг Дади, Таско и Пајак, кои создадоа одлична атмосфера. Празничната декорација, внимателно осмислената програма и позитивната енергија ја направија „Патека на радоста“ место за веселба, дружба и празнично сплотување.

Преку ваквите настани, Општина Илинден ја демонстрира својата континуирана посветеност на иницијативи што ја зближуваат заедницата и го збогатуваат културно-забавниот живот, притоа давајќи поддршка на општествено одговорни компании кои со своето ангажирање значајно придонесуваат за развојот на локалната заедница“, соопшти општина Илинден.







