(Видео) ДУПЕР објавија нова песна и спот „На пола пат“

Дуото ДУПЕР денес точно напладне ја објави својата нова песна и видео!

По период во кој сè почесто се наметнуваат како едно од најактуелните имиња на домашната сцена, ДУПЕР точно во 12:00 часот ја објавија својата нова песна „На пола пат“, проследена со видео кое има филмски пристап.

Новото издание доаѓа во момент кога нивниот претходен хит „Може може може“ сè уште активно се слуша и ротира, додека бендот континуирано најавува настапи и го гради својот концертен календар низ Македонија.

„На пола пат“ носи препознатлив звук на ДУПЕР, со емотивен рефрен кој брзо останува во глава:

„Ајде признај

криеш предолго

кого мислиш ти

дур си до него“

Автори на музиката и текстот се Борис Какуринов и Илчо Нечовски, додека аранжманот го потпишува Какуринов. За микс и мастерингот се погрижија Андреј Николов и Димитар Николов.

Од бендот велат дека песната произлегува од лично искуство:

„Оваа песна е лична приказна што ја доживеавме и двајцата. Од една страна се надеваме дека луѓето ќе се препознаат во неа, но и дека секој ќе го најде вистинскиот човек покрај себе.“

Видеото за „На пола пат“ е во режија на Трифун Ситниковски, со кого ДУПЕР веќе имаат успешна соработка зад себе, вклучително и на забележаниот проект „Некажано“. Овојпат, приказната е поставена како визуелен „филм“ кој ја следи емоцијата на песната и ја надополнува нејзината порака.

Покрај новото издание, бендот за летово веќе најави голем, самостоен концерт во Античкиот театар во Охрид на 5 август.

Песната „На пола пат“ е достапна на YouTube:

 

Scroll to Top