Инклузивен настан со лица со интелектуална попреченост ќе се одржи вечерва, со почеток во 19:00 часот, во Центарот за култура Ѓорче Петров.
Како што информираат од Театар Пи, ма настанот ќе има поставка на фотографии и музички концерт на кој ќе настапуваат лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП Порака Скопје заедно со професионални музичари: Виктор Танасковски- гитара, Иван Трајковски- пиано, Драгана Марковиќ-виолина, Диана Маркоска – виолина, Верица Ајтовска – виола, Ива Дамјановски – теремин, Ема Ананиевска-пиано, Златко Митрески-бас гитара.
Изложбата на фотографии е изработена со помош на Ладислав Кинг.
„Оваа година креиравме долго, тивко, искрено. Низ театар, музика, фотографија, разговори… Низ лични лавиринти што секој ги носи во себе.
Ова што ќе го видите е дел од процесот на Театар Пи за новиот мултимедијален концепт „Физика на радоста“ – каде учесници со типичен и атипичен развој заедно создаваат, учат и поминуваат низ целиот процес“, велат од Театар Пи.
Фотографиите и концертот се создадени како дел од целогодишни работилници во рамките на кампањата за инклузија на лица со интелектуална попреченост – ФИЗИКА НА РАДОСТА.
„Инспирацијата доаѓа од делото „Физика на тагата“ на Георги Господинов, но ова е наша приказна.
Проектот е дел од кампањата за вклучување на лица со интелектуална попреченост, заедно со лица со типичен и атипичен развој во културата и социјалниот живот, во соработка со ЦПЛИП Порака Скопје“, додаваат од Театар Пи.






