Бојана Скендеровски стана амбасадор на хуманоста на Домот за деца без родители „11 Октомври“

„Малите дела на добрина можат да го променат светот многу повеќе од големите зборови“ – со оваа порака Бојана Скендеровски сподели значаен момент од својот живот и кариера. Од вчера таа и официјално ја презеде улогата амбасадор на хуманоста на Домот за деца без родители „11 Октомври“, откако беше потпишан меморандум за соработка со директорката на установата. Ова партнерство има за цел да ја подигне свеста за потребите на децата без родителска грижа и да поттикне поголема поддршка од јавноста.

„Каков ден и каква привилегија за мене… Најважно од сѐ, тие дечиња кои дојдоа да се запознаеме денес се потпишаа во моето срце. Си ветивме дека заедно ќе покажеме дека не се сами и ќе ја направиме нивната иднина посигурна“, вели Бојана, нагласувајќи дека иако Домот сега функционира во поинаков модел и понатаму има потреба од поддршка, особено кога станува збор за згрижување и создавање подобри услови за раст и развој на децата.

„Сѐ уште нема доволно згрижувачи и потребно е да се крене гласот. Затоа ја прифатив оваа улога, да бидам нивниот глас. Ќе учествувам во нивните активности, ќе ги посетувам дечињата, ќе бидам дел од нивните приредби, ќе им помагам и ќе апелирам за поголема поддршка. Потребни се донации од различен вид, од, на пример, помош за сегашните матурантите до поддршка за нивно понатамошно образование, како и можности за развој на талентите на дечињата“, истакна таа.

Скендеровски вели дека била пречекана со топлина и искрени емоции, со пригодна свеченост организирана од децата и вработените.

„Многу прегратки, по некоја солза и многу љубов тоа е најсилниот впечаток што го носам. Огромна чест и привилегија е да се биде дел од оваа приказна. Ќе уживам во секој момент од оваа соработка и навистина сум привилегирана и огромна е честа што ми ја доделија оваа прекрасна улога да бидам амбасадор на хуманоста на Домот за деца без родители ’11 Октомври’“, порача Бојана, додавајќи дека со оваа иницијатива се испраќа силна порака до јавноста дека децата без родителска грижа не се сами и секој може да придонесе за нивната посигурна и посреќна иднина.

Scroll to Top