Орион влегува во „огнениот пекол“: капсулата мора да издржи 2.700°C во најопасниот дел од мисијата

Вселенската капсула „Орион“ се враќа на Земјата во најкритичната и најопасна фаза од мисијата, при што ќе мора да издржи екстремни услови какви што ретко кој објект може да преживее.

По завршувањето на мисијата околу Месечината, капсулата влегува во атмосферата со брзина од околу 40.000 километри на час, при што започнува драматичниот процес на повторно влегување. Во тие моменти, температурата на надворешниот дел од леталото достигнува над 2.700 степени Целзиусови, што е доволно да стопи повеќето материјали.

Клучната улога за преживување на екипажот ја има топлинскиот штит, изработен од специјален материјал наречен „Avcoat“, кој е дизајниран да се „жртвува“ – односно постепено да согорува и испарува, апсорбирајќи ја топлината и спречувајќи таа да навлезе во внатрешноста на капсулата.

Оваа фаза трае околу 15 до 20 минути и се смета за најризична во целата мисија. Во текот на спуштањето, капсулата мора да влезе под прецизен агол – ако е премногу стрмен, може да се прегрее и уништи, а ако е премногу плиток, постои ризик да „отскокне“ од атмосферата и да се изгуби во вселената.

Дополнителна загриженост создава фактот што при претходната мисија „Артемис I“ биле забележани оштетувања на топлинскиот штит, каде делови од материјалот се одвојувале повеќе од очекуваното. Иако тогаш не постоела опасност за екипаж, инженерите направиле корекции и модификации за да се намали ризикот во тековната мисија.

По најкритичниот дел, следува забавување на капсулата со помош на падобрани, по што „Орион“ ќе слета во океанот, каде ќе биде преземен од спасувачките тимови.
Оваа фаза е клучна не само за успехот на мисијата, туку и за иднината на програмата „Артемис“, која има за цел повторно враќање на човекот на Месечината.

Scroll to Top