(ВИДЕО) Рафиња бесен: „Барселона е ограбена!“ – Бурни реакции по драматичниот меч со Атлетико Мадрид

Барселона синоќа се прости од Лигата на шампионите, откако во четвртфиналниот двомеч беше елиминирана од Атлетико Мадрид, а по натпреварот главна тема станаа судиските одлуки и жестоката реакција на Рафиња.
Атлетико Мадрид во првиот натпревар на „Камп Ноу“ славеше со 0-2, со што си создаде значајна предност уште тогаш, иако во Барселона уште по тој дуел имаше незадоволство од судењето.

Во реваншот одигран во Мадрид, Барселона успеа да победи со 2-1, но тоа не беше доволно за пресврт, па каталонскиот тим го заврши настапот во елитното натпреварување оваа сезона со вкупен резултат 2-3.

По натпреварот, во таборот на Барселона повторно доминираше незадоволството од судиските одлуки, при што се посочува дека францускиот судија Клеман Турпан имал клучна улога во спорните моменти кои, според нив, влијаеле врз исходот.

Во центарот на вниманието се најде Рафиња, кој иако поради повреда го пропушти двомечот, беше со екипата во Мадрид и по натпреварот застана пред камерите со жестока изјава.„За мене ова беше срамна кражба. Проблемот беше судењето“, изјави бразилскиот фудбалер, алудирајќи дека Барселона била директно оштетена.

Неговата реакција дојде по неколку контроверзни ситуации, меѓу кои и спорни дуели во казнениот простор, за кои каталонците сметаа дека требало да бидат санкционирани со пенал.

Изјавата на Рафиња брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика поделени реакции – дел од фудбалската јавност смета дека Барселона има право на незадоволство, додека други оценуваат дека станува збор за дел од играта и судиски проценки.

Со овој пораз, Барселона ја завршува европската сезона, додека Атлетико Мадрид продолжува во полуфиналето, но сенката од контроверзното судење и бурните реакции сигурно ќе се задржи уште долго во фудбалските кругови.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Scroll to Top