Десетици училишта во хрватската престолнина Загреб биле итно евакуирани поради дојави за поставени бомби, што предизвика вознемиреност кај учениците, родителите и јавноста, но според првичните информации, станува збор за лажни закани.
Според надлежните служби, заканите биле испратени преку електронска пошта во текот на ноќта до повеќе образовни институции, по што веднаш реагирала полицијата. Учениците и наставниот кадар биле евакуирани од објектите како превентивна мерка, а на терен биле испратени специјални полициски единици и тимови за деминирање кои започнале детални проверки на училиштата.
Од градските власти информираат дека сите ученици се безбедни и изнесени надвор од училиштата, додека наставата била прекината во дел од институциите сè додека не се завршат проверките.
Вакви дојави не биле ограничени само на Загреб, туку слични закани биле регистрирани и во други градови низ Хрватска, што укажува на поширока координирана акција. Во некои случаи, станувало збор за идентични пораки испратени до повеќе училишта.
По извршените проверки, во најголем дел од училиштата не биле пронајдени експлозивни направи, поради што властите сметаат дека станува збор за лажни дојави, но истрагата за откривање на испраќачите сè уште е во тек.
Хрватските власти потенцираат дека и покрај тоа што досега не е утврдена реална закана, сите вакви случаи се третираат со највисок степен на сериозност, со цел да се гарантира безбедноста на учениците и вработените во образовниот систем.




