Зендаја и Мерил Стрип, според пишувањата на странските медиуми, ќе ја пропуштат овогодинешната Мет Гала, која треба да се одржи во понеделник, 4 мај, во Њујорк.
Информацијата доаѓа во период кога дел од јавноста повикува на бојкот на гламурозниот настан поради вклученоста на основачот на Амазон, Џеф Безос, и неговата сопруга Лорен Санчез. Двојката, која минатата година се венча на раскошна церемонија во Венеција, е именувана меѓу водечките донатори и почесни копретседатели на годинешната Мет Гала.
Според Elle, Зендаја нема да присуствува бидејќи планира да се повлече од јавниот притисок по две речиси паралелни прес-турнеи за The Drama и третата сезона на Euphoria.
Од друга страна, Daily Mail објави дека се шпекулира оти Мерил Стрип одбила улога на копретседател поради присуството на Безос и Санчез во организацијата. Нејзиниот претставник, сепак, за „Индипендент“ изјавил дека актерката со години добивала покани за Мет Гала, но никогаш не присуствувала, бидејќи тоа „никогаш не било нејзина сцена“.
Стрип годинава е особено поврзана со модниот свет, бидејќи повторно ја игра Миранда Пристли во „Ѓаволот носи Прада 2“, лик инспириран од Ана Винтур, долгогодишната претседателка на Мет Гала и уредничка на Вог. Таа се појавува и на мајската насловна страница на Вог за 2026 година.
Иако Стрип нема да биде дел од настанот, според извори на Page Six, се очекува да присуствуваат нејзините ќерки Грејс и Мејми Гамер, како и нејзините колеги од „Ѓаволот носи Прада 2“, Емили Блант и Стенли Тучи.
Зендаја, пак, во последните години важи за една од највпечатливите ѕвезди на Мет Гала. Таа дебитираше во 2015 година, досега присуствувала седум пати, беше копретседател во 2024 година, а минатата година го привлече вниманието во целосно бел костум од Луј Витон.
Вклученоста на Безос предизвика остри реакции, особено поради неговите бизнис и политички врски, како и поради неодамнешните милионски вложувања на Amazon MGM во филм за Меланија Трамп. Во близина на Метрополитен музејот се појавија постери со пораки против „Безос Мет Гала“ и повици за бојкот.
Флаер-кампањата ја организираше британската активистичка група Everyone Hates Elon, која се опишува како антимилијардерска организација.
Ана Винтур претходно се обиде да ги смири критиките, изјавувајќи за CNN дека Лорен Санчез ќе биде „прекрасна предност“ за музејот и настанот, нагласувајќи ја нејзината дарежливост и интерес за мода и костими.
Дрес-кодот за Мет Гала на 4 мај е „Уметност на костуми“, со фокус на облеченото тело и човечката форма низ колекцијата на Мет. Годинешни копретседатели се Бијонсе, Никол Кидман и Венус Вилијамс, а во домаќинскиот комитет се и Ентони Вакарело, Зои Кравиц, Сабрина Карпентер, Доџа Кет, Мисти Коупланд, Лена Данам, Сем Смит и Тејана Тејлор.






