Синот на Мајкл Џексон ретко се појавува во јавност: Со фановите му го честиташе 68. роденден на својот татко

Принс Џексон, најстариот син на легендарниот Мајкл Џексон, направи ретко јавно појавување во Лас Вегас за да го одбележи денот кога неговиот татко ќе го прославеше својот 68. роденден.

Дваесет и деветгодишниот Принс им се придружи на голем број обожаватели на специјалната прослава во рамки на шоуто „Michael Jackson ONE“ на Cirque du Soleil во Лас Вегас.

Во еден момент присутните заеднички одбројувале, по што Принс ја кренал раката и заедно со фановите извикал: „Среќен роденден, Мајкл!“

На снимките од настанот се гледа како синот на Кралот на поп-музиката разговара со обожавателите, се фотографира со нив и потпишува автограми.

За оваа прилика бил облечен едноставно, во црна маица и црна капа, а неговото присуство предизвикало големо внимание бидејќи Принс ретко се појавува на јавни настани.

Мајкл Џексон е роден на 29 август 1958 година во Гери, Индијана, а годинава ќе наполнеше 68 години.

Принс и претходно на различни начини му оддаваше почит на својот татко.

На премиерата на биографскиот филм „Michael“ во Лос Анџелес во април годинава, тој носеше црвена лента направена од материјал од облека што некогаш ја носел Мајкл Џексон.

Принс тогаш објасни дека црвената кадифена кошула на неговиот татко му буди силни спомени од детството.

Тој беше вклучен и во создавањето на филмот „Michael“, во кој неговиот братучед Џафар Џексон го игра Кралот на попот.

Принс неодамна изјави дека му е особено драго што новите генерации преку филмот ја откриваат музиката и пораките на неговиот татко.

Мајкл Џексон имаше три деца – Принс, Парис и Биги Џексон.

Кралот на попот почина на 25 јуни 2009 година во Лос Анџелес, на 50-годишна возраст. Причината за смртта беше акутна интоксикација со пропофол и бензодиазепини.

Принс, кој имал само 12 години кога го загубил татка си, во една претходна изјава емотивно го опиша начинот на кој се справува со неговото отсуство:

„Сè додека ги славите луѓето што сте ги изгубиле, тие никогаш вистински не исчезнуваат.“

Седумнаесет години по смртта на Мајкл Џексон, интересот за неговата музика и наследство не исчезнува, а прославата во Лас Вегас уште еднаш покажа дека неговите песни продолжуваат да живеат меѓу новите генерации обожаватели.

Scroll to Top