Европските аеродроми се соочуваат со сериозни проблеми по воведувањето на новиот систем за гранична контрола Entry/Exit System (EES), кој наместо побрз проток на патници, во првите недели предизвика долги редици, доцнења и незадоволство кај туристите.
Како реакција на ситуацијата, Грција прва реши привремено да ги суспендира биометриските проверки за британските патници на аеродромите, ставајќи ја туристичката сезона пред строгата примена на новите правила. По неа, Португалија веќе дозволува заобиколување на процедурите кога редиците стануваат предолги, додека Италија размислува за сличен пристап.
Во меѓувреме, Шпанија, Франција и Хрватска внимателно ја следат состојбата и не ја исклучуваат можноста да преземат исти мерки.
Системот EES бара патниците кои не се од ЕУ да доставуваат биометриски податоци – отпечатоци од прсти и скенирање на лице – преку специјални киосци на граничните премини. Целта е поголема безбедност и дигитализација, но праксата покажува дека системот тешко се справува со огромниот број патници, особено во туристичките шпицеви.
Притисокот расте и од туристичкиот сектор. Според претставници на индустријата, ниту една земја не сака да ризикува да изгуби туристи поради доцнења, бидејќи во прашање се милијарди евра приходи и илјадници работни места.
Европска комисија веќе призна дека има проблеми и дозволи таканаречена „вградена флексибилност“, што значи дека земјите можат привремено да ги паузираат биометриските проверки и да се вратат на класично печатирање на пасошите кога има гужви.
Дополнителен аларм доаѓа и од авиокомпаниите, меѓу кои и Ryanair, кои предупредуваат дека патниците веќе пропуштаат летови поради долгите процедури.
Целата ситуација отвора клучно прашање – дали Европа може да постигне баланс меѓу безбедноста и брзината на патување? Засега, изгледа дека туристичката економија има предност пред строгата примена на новите правила.





