Хрватскиот стартап „Crumbs“ доби инвестиција од 600.000 евра – спасува непродадена храна со помош на апликација

Хрватската платформа „Crumbs“, која се занимава со спасување и продажба на вишок непродадена храна по намалени цени, обезбеди инвестиција од 600.000 евра во seed рунда финансирање. Единствен инвеститор е фондот за ризичен капитал „AYMO Ventures“, кој управува со фонд вреден 57 милиони евра и претходно инвестираше во неколку регионални технолошки компании.

По новата инвестиција, вредноста на „Crumbs“ се проценува на неколку милиони евра, а компанијата најави дека средствата ќе бидат искористени за дополнително зајакнување на позицијата на хрватскиот пазар, регионално ширење и развој на алатки базирани на вештачка интелигенција.

Во план е експанзија во Словенија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека дел од инвестицијата ќе биде насочен кон развој на AI решенија за оптимизација на синџирот за снабдување со храна.

Платформата функционира така што пекари, ресторани, кафулиња и продавници преку апликацијата објавуваат пакети со непродадена храна по цена намалена најмалку 50 проценти од редовната. Корисниците преку апликацијата избираат таканаречен „пакет изненадување“, го плаќаат онлајн и потоа го подигнуваат во договорениот термин.

Од „Crumbs“ тврдат дека моментално имаат повеќе од 500 партнери во 10 градови низ Хрватска, над 90.000 корисници и повеќе од 80.000 спасени пакети храна. Меѓу најголемите партнери е и познатиот синџир „Млинар“, а компанијата најавува соработка и со уште два големи супермаркет ланци.

Стартапот е основан во 2024 година од Антонио Матушан, кој идејата ја добил за време на студиите во Милано, каде користел слична апликација за купување непродадена храна. Во развојот на проектот му помогнал Роберт Буквиќ од „rent24“, кој подоцна станал коосновач и прв инвеститор во компанијата.

Scroll to Top