Во Прилеп денеска се одржа Регионалниот натпревар по прва помош (Регион 1), во организација на Црвениот крст, настан кој ја истакна важноста на хуманоста, солидарноста и подготвеноста за помош во критични ситуации.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, заедно со претседателката на Советот на Општината, ги посетија пунктовите каде разговараа со екипите, волонтерите и организаторите, при што имаа можност одблиску да ја видат подготвеноста, знаењето и посветеноста на учесниците.
Проданоски истакна дека особено радува фактот што младите преку своето учество покажуваат високо ниво на одговорност, хуманост и желба да помогнат, нагласувајќи дека тие се вистински пример за негување и пренесување на човечките вредности на новите генерации.
Тој посочи дека во многу ситуации токму брзата реакција и знаењето можат да спасат човечки живот, поради што ваквите натпревари и едукации имаат огромно значење за целото општество.

Градоначалникот упати честитки до Црвениот крст за организацијата на настанот, како и до сите натпреварувачи, волонтери и судии за нивната посветеност и вложен труд.
Општина Прилеп, како што нагласи Проданоски, и понатаму ќе продолжи да ги поддржува активностите поврзани со младите, здравјето и хуманоста, оценувајќи дека тоа претставува вложување во подобра иднина за сите граѓани.






