Средношколец од Прилеп со години се претставувал како наставник – имал пристап до податоците на професори од цела држава

ОВР Прилеп поднесе известување против ученик во средно училиште од Прилеп поради сомнение дека сторил кривично дело „компјутерски фалсификат“, откако со лажно претставување успеал да добие пристап до системите на Министерството за образование и наука и до податоци од електронскиот дневник на ниво на цела држава.

Според информациите од истрагата, ученикот креирал лажен профил на социјалните мрежи и се претставувал како наставник по англиски јазик од основно училиште во Виница. На тој начин стапил во контакт со вработена во Министерството за образование и наука, која верувајќи дека комуницира со вистински наставник, започнала службена комуникација со него.

Од полицијата посочуваат дека вработената во Министерството му укажала дека службените разговори не треба да се водат преку социјални мрежи, по што му креирала официјална електронска адреса од Министерството за образование. Дополнително, му биле доделени и лозинки за пристап до електронскиот дневник, користејќи административна корисничка сметка.

Со тоа, пријавениот добил пристап до податоците и профилите на професори и наставници од целата држава, а според информациите, дури и координирал наставници и им помагал при користењето на системот за електронски дневник.

Случајот, според истрагата, траел подолг временски период – од 2022 година па сè до ноември 2025 година. Сомнежите почнале откако одредена професорка пријавила дека некој ги брише податоците од електронскиот дневник во нејзиното училиште.

Откако поранешната в.д. директорка го информирала пријавениот за пријавата, тој ги избришал сите профили и акаунти поврзани со лажниот идентитет на социјалните мрежи, а подоцна бил избришан и службениот мејл профил од Министерството за образование.

Случајот отвори сериозни прашања околу безбедноста на образовните дигитални системи, начинот на доделување административни пристапи и контролата на корисничките профили во институциите.

Од полицијата информираат дека се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување дали имало злоупотреба или компромитирање на дополнителни податоци во системот.

Scroll to Top