Кој е Македонецот што важи за еден од главните фаворити во едно од најгледаните музички шоуа на Балканот? Станува збор за Виктор Димитриевски, шармантниот кумановец кој повторно ја освои публиката и жирито во популарното шоу Никогаш не е доцна.

Во најновата епизода Виктор настапи прв и уште еднаш ги воодушеви гледачите со својата емотивна и моќна интерпретација, за која доби бројни комплименти од членовите на жирито.
Посебно внимание привлече коментарот на Алка Вуица, која не го криеше воодушевувањето од неговиот настап.

„Мене навистина ми се допаѓа што Виктор во првиот дел од песната беше емотивен и длабок. Викторе, морам да те потсетам на една приказна од Библијата. Кога Бог ги делел даровите, ги обврзал луѓето да ги негуваат тие дарови. Не разбирам зошто толку си чекал. Мислам дека твоја божја должност е да се занимаваш со пеење, бидејќи тоа го правиш неверојатно“, му порача Вуица.
Во оваа епизода настапија пет кандидати, а само двајца обезбедија директен пласман во следниот круг. Според жирито, меѓу нив сигурно место обезбедија Виктор Димитриевски и Славица Мијаиловиќ, додека останатите кандидати ќе зависат од гласањето на публиката преку Фејсбук.
Виктор има 47 години и доаѓа од Куманово. По професија е дипломиран електроинженер и работи како консултант за енергетска политика во реномирана енергетска компанија, но музиката, како што самиот вели, отсекогаш била неговата најголема љубов.
Тој веќе неколку пати предизвика силни емоции кај публиката во шоуто. Во една од претходните емисии настапи заедно со својот татко, а нивниот заеднички настап предизвика аплаузи и солзи кај гледачите.
Посебен впечаток остави и неговата интерпретација во дует со Каролина Гочева, која видливо беше воодушевена од неговата емоција и начинот на кој ја пренесе песната.
Со секој нов настап, Виктор Димитриевски сè повеќе се наметнува како еден од најсериозните фаворити за победа во актуелната сезона на Никогаш не е доцна.






