Џенифер Лопез проговори за разочарувањето што го почувствувала по објавувањето на албумот „This Is Me…Now“ и придружниот филмски проект во 2024 година. Пејачката вели дека и натаму е горда на сработеното, но дека вниманието на јавноста се насочило кон други аспекти и ја засенило музиката.
Во разговор за подкастот „Popcast“ на „Њујорк тајмс“, Лопез се осврна на проектот кој, покрај албумот, ги вклучуваше музичкиот филм „This Is Me…Now: A Love Story“ и документарец за неговото создавање.

„Гледано од денешна перспектива, мислам дека тоа го засени самиот музички проект, а токму музиката ми беше најважна. За мене тоа беше разочарување“, рекла пејачката, пренесува магазинот „Пипл“.
Лопез објаснила дека неодамна повторно го гледала филмот со пријателка која претходно го немала видено. Тоа ѝ дало можност одново да размисли за сè што се обидела да постигне и, како што рекла, сфатила колку амбициозен бил проектот.
Пејачката претходно откри дека самата го финансирала проектот откако првичното финансирање пропаднало. Според „Пипл“, продукцијата на албумот, филмот и документарецот чинела околу 20 милиони долари.
Запрашана за финансиската инвестиција, таа низ разговорот порачала дека не би го повторила тоа искуство.
Ново поглавје и враќање во студио
Иако се навратила на минатото, Лопез веќе размислува за следната фаза од животот и за нова музика. Пејачката открила дека промените во нејзиното семејство ја поттикнале повторно да влезе во студио.
Нејзините близнаци Макс и Еме се подготвуваат за живот како студенти, а таа вели дека тој период во неа разбудил многу различни чувства и ѝ отворил нови прашања за иднината.
Лопез ја опишала новата музика како дел од лично созревање. Вели дека за првпат по долго време размислува што самата сака да каже и што ѝ носи радост во овој момент.
За создавањето музика, пак, порачала дека за неа најважно е да продолжи да твори, без оглед на тоа како јавноста го примила претходниот проект.
Извор: People.






