Научниците алармираат за „Супер Ел Нињо“: Светот може да го погодат рекордни горештини, суши и хаос со храната

Научниците предупредуваат дека светот би можел да се соочи со исклучително силен „Супер Ел Нињо“, климатски феномен кој може да донесе рекордни температури, суши, поплави, пожари и сериозни проблеми со храната и економијата ширум планетата.

Според најновата прогноза на NOAA, објавена на 14 мај, постои 65 проценти веројатност претстојниот Ел Нињо да биде класифициран како силен или многу силен.

Метеоролозите предупредуваат дека токму таквиот развој би можел да предизвика еден од најинтензивните Ел Нињо феномени уште од почетокот на официјалните мерења.

Ел Нињо претставува потопла фаза од климатскиот циклус ENSO, природен процес што настанува поради промени во температурата на океаните и атмосферските струења во тропскиот дел на Тихиот Океан.

Иако е природен феномен, неговото влијание врз глобалната клима може да биде огромно.

Кога температурата на морската површина во тропскиот Пацифик ќе порасне за околу два степени над просекот, научниците зборуваат за „многу силен“ или неофицијално „Супер Ел Нињо“.

Според сегашните анализи, токму тоа сценарио е најверојатно кон крајот на 2026 и почетокот на 2027 година.

NOAA проценува и дека има 82 проценти шанси Ел Нињо официјално да започне помеѓу сега и јули, а да трае најмалку до февруари 2027 година.

Научниците потсетуваат дека Ел Нињо се јавува на секои две до седум години и често носи драматични временски промени ширум светот.

Последниот Ел Нињо траеше од мај 2023 до март 2024 година, а експертите сметаат дека токму тој бил една од главните причини што 2024 стана најтоплата година во историјата на мерењата.

Сега постои страв дека 2027 би можела да го урне и тој рекорд.

Професорот Пол Раунди од Универзитетот во Олбани предупреди дека довербата кај научниците „расте за потенцијално најголемиот Ел Нињо уште од 1870-тите“.

Експертите потсетуваат и на катастрофалниот Ел Нињо од 1877 година, кој бил поврзан со голема глобална глад помеѓу 1876 и 1878 година.

Историските проценки велат дека тогаш, поради суши, уништени посеви и недостиг на храна, починале повеќе од 50 милиони луѓе.

Иако денешната технологија и глобалната логистика се многу поразвиени, научниците предупредуваат дека ризиците и понатаму се сериозни.

Климатологот Дипти Синг предупредува дека ситуацијата денес е уште поопасна бидејќи атмосферата и океаните се значително потопли отколку пред 150 години.

„Тоа значи дека екстремните временски појави би можеле да бидат уште поинтензивни“, предупредува таа.

Силните Ел Нињо фази во минатото веќе предизвикуваа огромни економски штети. Ел Нињо од 1997–1998 година, според проценките, предизвикал глобални економски загуби меѓу 32 и 96 милијарди долари.

Метеоролозите сега стравуваат дека нов силен Ел Нињо би можел сериозно да ги погоди земјоделството, рибарството и снабдувањето со храна, како и да го зголеми ризикот од пожари, урагани, суши и екстремни бури.

Експертите предупредуваат дека евентуални проблеми со приносите поради суши или поплави дополнително би ги зголемиле цените на храната и би можеле најсилно да ги погодат сиромашните региони.

Новата прогноза на NOAA за развојот на Ел Нињо се очекува на 11 јуни, додека научниците внимателно следат дали светот навистина влегува во период на нови климатски екстреми.

Scroll to Top