Фудбалска Европа е во шок по најавите дека Жозе Мурињо е пред сензационално враќање на клупата на Реал Мадрид, дури 13 години по неговиот прв мандат во „кралскиот клуб“.
Според шпанските и португалските медиуми, Мурињо веќе договорил двегодишна соработка со мадридскиот гигант, а официјалната потврда се очекува во наредните денови.
Но, тоа не е единственото што предизвика огромно внимание. Како што пренесуваат медиумите, португалскиот стратег решил во Мадрид да пристигне со цел свој стручен штаб од Бенфика, клубот што го водеше оваа сезона.
Во неговиот тим ќе бидат и Жоао Тралхао како помошник тренер, Педро Мачадо, тренерот на голманите Нуно Сантос, како и Роберто Мерела кој ќе биде задолжен за анализа на противниците.
Жозе Мурињо останува верен на луѓето со кои работел со години, а според дел од медиумите, токму довербата и стабилниот стручен тим биле еден од неговите услови за враќање во Реал.
Мурињо првпат го водеше Реал Мадрид од 2010 до 2013 година, период во кој освои една титула во Ла Лига, еден Куп на Кралот и еден шпански Суперкуп.
Иако неговиот престој во Мадрид беше турбулентен, многумина и денес го сметаат за човекот што повторно му вратил победнички менталитет на клубот.
Оваа сезона Мурињо ја предводеше Бенфика, но тимот заврши на третото место во првенството и остана без пласман во Лига на шампиони. Иако имал договор до следното лето, португалскиот клуб наводно ќе добие осум милиони евра отштета за неговото заминување.
Од друга страна, Реал Мадрид поминува низ една од најтешките фази во последните години. Клубот веќе две сезони е без трофеј, а слабите резултати го чинеа функцијата тренерот Чаби Алонсо уште во јануари.
До крајот на сезоната тимот го водеше Алваро Арбелоа, но без поголем успех.
Сега сите погледи повторно се вперени кон Мурињо, човекот кој повторно би можел да стане главна фигура на „Сантијаго Бернабеу“.






