Кај црквата „Свети спас“ од 1232 година: Македонците од Албанија ќе ја одржат традиционалната годишна средба во Горно Крчиште

Во селото Горно Крчиште, во областа Полени – Маќелара, на 23 мај 2026 година ќе се одржи традиционалната Годишна македонска средба по повод големиот христијански празник Спасовден.

Настанот ќе започне во 9 часот кај древната црква Свети Спас, која потекнува од 1232 година и претставува значаен споменик на културата и духовното наследство на Македонците во Албанија.

Во рамки на средбата ќе се одржи богослужба, а организаторите најавуваат и богата културно-уметничка програма исполнета со македонски песни, ора и традиционални специјалитети од македонската кујна.

Организатор на настанот е Македонско друштво „Илинден“ – Тирана, од каде упатија покана до сите Македонци од Албанија, но и од Македонија, како и до сите добронамерници кои сакаат да бидат дел од оваа традиционална средба.

Средбата во Горно Крчиште со години претставува симбол на зачувување на македонскиот идентитет, традиција и духовност меѓу Македонците во Албанија, а секоја година собира голем број посетители од целиот регион. објавува Журнал.мк

Scroll to Top