Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска се обрати пред студентите од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на форум посветен на функционирањето на локалната самоуправа, предизвиците во работењето и можностите за вклучување на младите во институциите.
На средбата се дискутираше за конкретни теми поврзани со работата на Општина Битола, функционирањето на институциите градоначалник и Совет, како и за начинот на креирање и реализација на проектите во соработка со општинската администрација.
Коњановски ги информираше студентите за секојдневното функционирање на локалната самоуправа, улогата на институциите, комуникацијата со граѓаните и предизвиците со кои се соочува општината во реализацијата на програмите и проектите.
Во рамки на форумот, градоначалникот ги покани студентите да бидат дел од универзитетската летна пракса, која веќе неколку години се реализира во Општина Битола и јавните претпријатија, овозможувајќи им на младите практично искуство и директно запознавање со работата на институциите.
„Чест и задоволство беше да се обратам пред студентите и да размениме мислења и ставови за теми важни за локалната самоуправа и развојот на заедницата“, истакна Коњановски.






