Светот на музиката остана без една од своите најголеми икони, откако на 95-годишна возраст почина легендарниот американски џез музичар и саксофонист Сони Ролинс, човекот кој со децении важеше за еден од највлијателните уметници во историјата на џезот.
Ролинс починал во својот дом во Вудсток, во американската држава Њујорк, потврди неговиот портпарол, кој го опиша како „една од најпочитуваните и највлијателни личности во американската музика“. Причината за смртта засега не е соопштена.
Неговата музичка кариера траеше повеќе од шест децении, а започна уште кон крајот на 1940-тите години. Во текот на својата богата кариера соработуваше со некои од најголемите имиња на светската џез сцена, меѓу кои Мајлс Дејвис, Чарли Паркер и Џон Колтрејн. Како водач на бенд и соло-уметник, Ролинс сними повеќе од 60 албуми и остави неизбришлива трага во музичката историја.
Неговиот албум „Saxophone Colossus“ од 1956 година и денес се смета за едно од најважните и највлијателните дела во историјата на џез музиката. Токму поради неговата неверојатна виртуозност и способност за импровизација, музичките критичари и колеги го нарекоа „саксофонски колос“.
Посебен дел од неговата легенда е врзан и за мостот Вилијамсбург во Њујорк, каде на почетокот на шеесеттите години со часови секојдневно вежбал саксофон. Тоа искуство подоцна станало инспирација за неговиот славен албум „The Bridge“ од 1962 година.
Ролинс беше познат по своите долги и непредвидливи импровизации на сцената. Во едно интервју за PBS своевремено изјави:
„Ќе излегував на сцената со празен ум. Понекогаш и самиот се изненадував од она што излегуваше од мене.“
Во едно од неговите последни интервјуа се присети и на првата средба со музиката која му го променила животот.
„Мајка ми ми го подари првиот саксофон кога имав седум години. Влегов во собата, почнав да свирам – и тоа беше тоа“, изјави тој за „Jazz Times“.
Во текот на кариерата освои две Греми награди, а од активната музичка сцена се повлече во 2014 година поради респираторни проблеми.
Со неговата смрт, светската музичка сцена загуби еден од последните великани на златната ера на џезот – уметник чие влијание ќе продолжи да живее низ генерации музичари и љубители на музиката.






