Заменик градоначалничката на Општина Битола, Марина Крстиќ, заедно со заменик министерот за здравство Јовица Андоновски, присуствуваше на пуштањето во употреба на нова здравствена услуга во Хоспис „Сју Рајдер“ – Битола.
Станува збор за воведување ехосонографски преглед на абдомен за надворешни пациенти, услуга која ќе биде достапна преку системот „Мој термин“ со претходно закажување.

Од Општина Битола информираат дека новата услуга претставува значаен чекор во подобрувањето на здравствената заштита и зголемувањето на достапноста на современи медицински услуги за граѓаните од Битола и поширокиот регион.

„Со големо задоволство ја поздравувам новата здравствена услуга во Хоспис „Сју Рајдер“ Битола, со која ехосонографскиот преглед на абдомен станува подостапен за битолчани и за граѓаните од целиот регион. Ова е уште еден значаен чекор кон унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи медицински услуги блиску до граѓаните, без потреба од дополнителни патувања и чекања“, истакна Крстиќ.
Таа додаде дека Општина Битола останува посветена на поддршка на иницијативи кои придонесуваат за подобра здравствена грижа, поголема достапност и поквалитетни услови за сите граѓани.
„Битола заслужува современи и достапни здравствени услуги и токму затоа секој ваков напредок е значаен за целиот град“, посочи заменик градоначалничката.
Хоспис „Сју Рајдер“ – Битола продолжува со проширување на спектарот на специјалистички услуги, со цел обезбедување современа и поквалитетна здравствена заштита на едно место за жителите од Битола и регионот.






