Под влијание на циклонска активност со центар над Џеновскиот Залив, Македонија од денеска до четврток ќе биде зафатена со период на променливо и нестабилно време, проследено со локални врнежи од дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на невреме во повеќе делови од земјата.
Според прогнозата на метеорологот Славчо Попоски, во периодот од 2 до 4 јуни времето ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди, но во текот на денот на повеќе места ќе се создаваат услови за развој на нестабилна облачност која ќе донесе пороен дожд и грмежи.
Метеоролозите предупредуваат дека на одредени локации атмосферските процеси може да бидат поинтензивни и да прераснат во невреме проследено со обилен пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Особено внимание се препорачува во попладневните часови кога нестабилноста ќе биде најизразена.
Во текот на следните денови повремено ќе дува и засилен ветер од западен правец, што дополнително ќе придонесе за променливи временски услови. Според прогнозите, локално се очекува да наврнат повеќе од 20 литри дожд на метар квадратен, што на одредени места може да предизвика нагло зголемување на количината на вода на улиците и во ниските подрачја.
Нестабилното време ќе го зафати и главниот град. Во Скопје и околината се очекува променливо облачно време со сончеви интервали, но и периоди со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во одделни делови од Скопската Котлина постојат услови за локално невреме со интензивни врнежи, електрични празнења и појава на град.
И покрај нестабилноста, температурите ќе останат релативно високи за овој период од годината. Во најголемиот дел од земјата максималната дневна температура ќе се движи меѓу 25 и 31 степен Целзиусов. Освежување се очекува во четврток, кога температурите ќе бидат пониски и ќе се движат од 22 до 28 степени.
Во Скопје дневната температура во наредните денови ќе достигнува од 26 до 28 степени, со повремени осцилации во зависност од развојот на облачноста и врнежите.
Метеоролозите препорачуваат граѓаните внимателно да ги следат временските прогнози и предупредувања, особено доколку планираат активности на отворено, бидејќи локалните невремиња можат брзо да се развијат и да предизвикаат нагли промени на временските услови.






