КАНЈЕ ВЕСТ ВО ГРУЗИЈА: По забраните низ Европа, раперот ќе одржи спектакл пред 70.000 луѓе во Тбилиси

Контроверзниот американски рапер Канје Вест, познат и како Је, се подготвува за голем концерт во Грузија, откако неговите настапи во повеќе европски држави беа откажани поради серијата антисемитски изјави што ги даде во јавноста во изминатите години.

Според најавите, Вест ќе настапи на 12 јуни на стадионот „Динамо Арена“ во Тбилиси, најголемиот стадион во земјата, кој за концерти може да прими до 70.000 посетители. Билетите за настанот веќе се распродадени.

Настапот доаѓа по двата распродадени концерти што раперот неодамна ги одржа на стадионот „Софи“ во Лос Анџелес. Сепак, неговите планирани концерти во Велика Британија, Франција, Италија и Полска беа блокирани или откажани по интервенции на локални власти и организатори, кои се повикаа на неговите претходни контроверзни изјави.

Откажан бил и концерт во Швајцарија, откако управата на фудбалскиот клуб „Базел“, кој управува со стадионот, оценила дека настапот не е во согласност со вредностите што ги застапува клубот.

И покрај тоа, Вест неодамна настапи пред околу 40.000 луѓе на стадионот „Гелредом“ во холандскиот град Арнем.

Особено внимание привлекува фактот што на концертот во Тбилиси се очекува да присуствува и грузискиот премиер Иракли Кобахидзе, заедно со други високи владини претставници. Ова претставува сосема поинаков пристап во споредба со реакциите на дел од европските политичари кон американскиот музичар.

За време на тридневната посета на Грузија, од 12 до 14 јуни, Канје Вест ќе престојува во претседателскиот апартман на луксузниот хотел „Телеграф“ во Тбилиси, кој ќе биде негова главна база за време на посетата.

Концертот е организиран во соработка со компанијата Live Nation Israel, што според дел од медиумите претставува неочекувано партнерство со оглед на контроверзиите што го следат раперот.

Хотелот во кој ќе престојува Вест е во сопственост на бизнисменот Џорџ Рамишвили и располага со првиот „Rolling Stone“ rooftop локал во Тбилиси, каде што ќе бидат организирани и ексклузивни ВИП настани за време на неговиот престој.

Извори блиски до организацијата наведуваат дека доаѓањето на Канје Вест предизвикало голем интерес во Грузија, каде што многумина го сметаат неговиот настап за значаен културен настан. Според нив, дел од грузиските лидери изразиле гордост што една од највлијателните и најкоментирани светски музички ѕвезди ја избрала токму грузиската престолнина за својот следен голем настап.

Настанот се случува само неколку месеци откако Вест јавно се извини за своите антисемитски изјави преку оглас објавен на цела страница во американскиот весник „Волстрит журнал“.

Scroll to Top