Владата го менува курсот: Чебрен и Галиште ќе се градат со државни средства, без приватен партнер

По повеќегодишни неуспешни тендери и пропаднати обиди за пронаоѓање стратешки партнер, Владата сериозно ја разгледува можноста хидроенергетскиот комплекс Чебрен и Галиште да биде изграден исклучиво со државни средства. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се прават завршни анализи и дека државата е блиску до конечна одлука за самостојна реализација на еден од најголемите инфраструктурни и енергетски проекти во Македонија.

Според првичните проценки, вредноста на инвестицијата би достигнала околу 1,5 милијарди евра, а анализите покажуваат внатрешна стапка на поврат поголема од 10 проценти, што проектот го прави економски оправдан и финансиски одржлив на долг рок.

Мицкоски истакна дека Чебрен и Галиште не се важни само од енергетски аспект, туку претставуваат стратешки проект за Македонија и регионот во целина. Покрај производството на електрична енергија, како клучна придобивка ја посочи можноста за формирање два големи резервоари на питка вода, кои би имале огромно значење во услови на климатски промени и зголемени потреби од водни ресурси.

„Една од иницијативите што ја имаме е сами како држава да го градиме целиот тој комплекс на централи на реката Црна над постоечката Тиквеш, во јавноста познат како проект Чебрен и Галиште. Направивме пресметки и цениме дека ова е стратешки проект, не само за Македонија како држава, туку и за регионот“, изјави премиерот.

Тој нагласи дека досегашните обиди за реализација преку приватни инвеститори и јавно-приватни партнерства не дале резултати и честопати биле проследени со сомнежи и спорни условувања. Поради тоа, Владата разгледува модел на самостојно финансирање, при што би се обезбедила поддршка од меѓународни финансиски институции.

„Доколку успееме да формираме синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се движат во таа насока, тогаш реално е да се очекува следната година да ставиме камен-темелник на овој историски проект“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека производството на електрична енергија во овој случај е значајно, но не и најважно, бидејќи клучната вредност на проектот лежи во обезбедувањето водни ресурси, подобрувањето на условите за наводнување и долгорочната заштита од последиците на климатските промени.

Во изминатите децении беа реализирани бројни тендерски постапки и разговори со потенцијални инвеститори од Грција, САД, Обединетите Арапски Емирати и други земји, но ниту еден од обидите не резултираше со конкретна реализација. Во најголем дел од случаите причините беа неприфатливи услови, различни економски интереси или недостиг на заеднички договор.

Паралелно со тоа, голем број домашни експерти и инженерски организации со години предупредуваа дека Чебрен и Галиште треба да останат под целосна контрола на државата. Особено гласно беше Здружението на инженери, кое пред две години достави иницијатива до Владата и Собранието проектот да се реализира со сопствени средства, нагласувајќи дека станува збор пред сѐ за водостопански, а потоа и за енергетски проект.

Во иницијативата беше побарано проектот да се стави во јасни законски рамки за да се обезбеди негова континуирана реализација без разлика на политичките промени и составот на идните влади. Инженерите потенцираа дека при носењето на сите одлуки мора да се води сметка за суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.

Од Здружението тогаш оценија дека Македонија располага со доволен капацитет за реализација на проектот преку, како што наведоа, „интелигентно финансиско управување“, додавајќи дека Чебрен и Галиште се економски исплатливи, општествено корисни и од исклучително значење за енергетиката, водостопанството и целокупниот развој на државата.

Доколку Владата донесе конечна одлука за самостојна изградба, Чебрен и Галиште би можеле да станат најголемата државна инвестиција во енергетскиот сектор во поновата историја на Македонија и еден од клучните проекти за обезбедување енергетска и водна сигурност во наредните децении.

Scroll to Top