Пеколен топлотен бран ја пустоши Европа: Близу 1.000 починати во Франција, жештините не попуштаат

Екстремниот топлотен бран што ја зафати Европа однесе речиси 1.000 животи само во Франција, а високите температури сега се префрлаат кон северните и централните делови на континентот.

Според проценките на француската агенција за јавно здравје Santé publique France, најголем број од жртвите се лица постари од 65 години, при што многумина починале во своите домови како последица на екстремните температури.

Франција помина 11 последователни денови со температури што на многу места надминуваа 40 Целзиусови степени. Иако жештините таму почнаа благо да попуштаат, топлиот воздушен бран сега се движи кон северна и централна Европа, каде што се очекуваат нови рекордни температури.

Последиците не се чувствуваат само врз здравјето на луѓето, туку и врз енергетскиот систем. Поради прегреаната вода во реките што се користи за ладење на реакторите, повеќе нуклеарни централи во Франција, Швајцарија и Унгарија беа принудени да го намалат производството на електрична енергија.

Експертите предупредуваат дека климатските екстреми стануваат сè почести и поинтензивни, а високите температури претставуваат сериозна опасност, особено за повозрасните лица, хронично болните и другите ранливи категории на населението.

Додека Европа се соочува со еден од најсилните топлотни бранови во последните години, надлежните институции апелираат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот, редовно да внесуваат течности и да посветат посебно внимание на најранливите членови на семејството.

Scroll to Top