Мароко ја шокираше Холандија по пенали и обезбеди место во осминафиналето на Мундијалот

Фудбалската репрезентација на Мароко приреди големо изненадување на Светското првенство, елиминирајќи ја Холандија по подобро изведување пенали со 3-2, откако натпреварот во Монтереј по 120 минути заврши нерешено 1-1.

Натпреварот започна во цврсто темпо, со многу дуели и малку вистински шанси. Холандија имаше поголем посед на топката, но Мароко беше поконкретен во нападот. Голманот Барт Вербруген блесна со неколку одлични интервенции, меѓу кои и фантастични одбрани по ударите на Неил Ел Ајнауи и Ашраф Хакими, додека на спротивната страна Јасин Буну сигурно ја чуваше својата мрежа.

На стартот од второто полувреме Мароко беше поопасен. Ајуб Буади пропушти добра можност, Брахим Дијаз не успеа да шутира од идеална позиција, а Хакими ја погоди пречката со силен удар. И покрај иницијативата на африканската селекција, Холандија прва стигна до водство.

Во 71. минута, по акција во која резервистот Ваут Вегхорст одлично асистираше, Крисенсио Самервил ја спушти топката до Коди Гакпо, кој прецизно погоди за 1-0.

Мароканците не се предадоа и продолжија да притискаат. Кога изгледаше дека Холандија ќе ја зачува предноста, во судиското продолжение од регуларниот дел Чемсдин Талби испрати прецизен центаршут, а Иса Диоп со удар од непосредна близина го совлада Вербруген за 1-1 и го однесе мечот во продолженија.

Во дополнителните 30 минути двете селекции создадоа неколку можности, но најголемата ја имаше Мароко, кога Вербруген со неверојатна реакција го запре ударот на Суфијан Рахими од непосредна близина и ја остави Холандија во игра.

Победникот беше решен по изведувањето пенали. Мароко подобро се снајде во драматичната серија. Неил Ел Ајнауи не го реализираше првиот пенал за Мароко, но Холандија не успеа да ја искористи предноста. Џастин Клајверт ја погоди стативата, Квинтен Тимбер шутираше покрај голот, Ашраф Хакими исто така ја погоди стативата, а Буну му одбрани удар на Самервил.

Одлучувачкиот пенал го реализираше Исмаел Саибари, кој донесе огромна радост за Мароко и пласман во осминафиналето.

Со овој триумф Мароко ја продолжи својата историска приказна на Светските првенства, додека Холандија го доживеа првиот пораз по серијата од 11 натпревари без пораз во официјални натпревари. Мароканците обезбедија место во осминафиналето, каде ќе се обидат да го продолжат својот одличен настап на Мундијалот.

Scroll to Top