Градоначалникот Дејан Проданоски најави реализација на значаен инфраструктурен проект на улицата „11-ти Октомври“ во Прилеп, со кој ќе се изврши реконструкција на тротоарите, велосипедските патеки и уличното осветлување.
Проектот се спроведува во рамки на „Проектот за поврзување на локални патишта во Република Македонија“, кој е реализиран од Министерството за транспорт со финансиска поддршка од Светска банка.
Според најавите, ќе се реконструира површина од околу 2.800 квадратни метри, во должина од 520 метри од двете страни на улицата. Изведувач на градежните работи е ГД „Гранит“ АД Скопје.
Со овој зафат, како што посочува Проданоски, се создаваат побезбедни услови за движење на пешаците и велосипедистите, подобра осветленост и поквалитетен урбан простор за граѓаните на Прилеп.






