Коњановски: Битола се гордее со Искра Нечаковска за освоениот сребрен медал на Европската олимпијада по физика

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска организираше прием за ученичката Искра Нечаковска од гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола, која освои сребрен медал на Европската олимпијада по физика, што се одржа во Шведска.

На приемот присуствуваа и нејзиниот професор и ментор Каранфил Алачев, како и директорката на гимназијата Лидија Споа. Коњановски, од свое лично име и во име на Општина Битола, ѝ упати честитки за извонредниот успех, нагласувајќи дека тој претставува гордост не само за ученичката и нејзиното училиште, туку и за Битола и за Македонија.

„Нејзиниот успех е доказ дека вложениот труд, стекнатото знаење и големата посветеност носат големи резултати и треба да бидат инспирација за сите млади“, истакна Коњановски.

 

Тој додаде дека Битола се гордее со постигнувањето на Искра Нечаковска и ѝ посака уште поголеми успеси во нејзиното понатамошно образование и научна кариера.

Нечаковска своето образование ќе го продолжи во областа на физиката, запишувајќи студии по физика и математика на престижен факултет во Париз, Франција. За студирањето ѝ е доделена целосна стипендија, која ќе ги покрие трошоците за сите години од нејзиното високо образование.

Scroll to Top