Маж ја запроси својата партнерка на врвот на Емпаер Стејт Билдинг, а двајцата завршија во полициска станица (ФОТО+ВИДЕО)

Љубовната приказна на Ангела Николау и Иван Кузнецов доби несекојдневен пресврт откако двојката се сврши на врвот на легендарниот облакодер Емпаер Стејт Билдинг во Њујорк, а веднаш потоа беше уапсена поради нелегално искачување.

Ангела (33) и Иван (32), познати на социјалните мрежи по своите екстремни адреналински авантури, на 1 јули се искачиле до самата антена на зградата, на височина од околу 443 метри, а целиот потфат го пренесувале во живо преку Инстаграм.

Со себе носеле и голем транспарент со пораката:

„Кога моќта на љубовта ќе ја победи љубовта кон моќта, тогаш светот ќе знае за мир.“

На самиот врв, Иван клекнал и ја запросил Ангела, која прифатила, покажувајќи го свршеничкиот прстен пред камерите.

Според очевидци, парот останал околу 30 минути на врвот на облакодерот, по што започнал да се спушта. Веднаш по симнувањето, припадници на њујоршката полиција ги уапсиле.

Според информациите што ги објави The New York Post, засега не е познато како успеале да стигнат до врвот на зградата.

Еден извор тврди дека најпрво се искачиле до 102-от кат, кој е највисокиот дел достапен за посетители, а потоа преку затворен сервисен влез, наменет исклучиво за техничко одржување, продолжиле до 103-от кат, од каде се искачиле до антената.

Портпарол на Емпаер Стејт Билдинг изјавил дека полицијата брзо реагирала и успешно го решила случајот, при што никој не бил повреден.

Снимките од двојката брзо се проширија на социјалните мрежи, а реакциите на јавноста беа поделени.

Дел од корисниците го осудија ризичниот потег, други им честитаа за свршувачката, додека трети се пошегуваа со коментари како:

„Ако ова е свршувачката, ме интересира каде ќе биде свадбата.“

„Ако ви треба свадбен фотограф кога ќе излезете од затвор, тука сум.“

„Добрата вест е што прстенот е прекрасен. Лошата е што ќе завршите во затвор.“

„На моите деца ќе им кажам дека ова се Бетмен и Кетвоман.“

„Замислете да му паднеше прстенот од толкава височина.“

Инаку, Ангела Николау и Иван Кузнецов се добро познати во светот на урбаното искачување. Ангела има околу 1,5 милиони следбеници на Инстаграм, додека Иван го следат околу 500.000 луѓе. Двајцата редовно објавуваат видеа од искачувања на облакодери и други високи објекти ширум светот.

Нивната необична љубовна приказна веќе е претставена и во документарниот филм „Skywalkers: A Love Story“, поради што дел од јавноста смета дека спектакуларното запросување било и дополнителна промоција на филмот.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Scroll to Top