ВИДЕО – Градежна експанзија во Битола: Во тек се проекти за улици, спортски терени и современи паркинзи

Во Битола продолжуваат градежните активности на повеќе локации, со фокус на реконструкција на улици, унапредување на спортската инфраструктура и изградба на нови паркинг-простори.

Од Општина Битола информираат дека во тек е комплетна реконструкција на улицата „Маркс и Енгелс“ во централното градско подрачје. На делница долга 250 метри се обновуваат водоводната и канализациската мрежа, по што ќе биде реконструиран и коловозот.

Паралелно се работи и на делови од улиците „Леринска“ и „Христо Узунов“, каде што веќе е изведена нова водоводна и канализациска мрежа, а во следната фаза ќе се реализира асфалтирањето.

 

Во делот на образовната и спортската инфраструктура започна реконструкцијата на три спортски игралишта во дворот на Основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“. Проектот опфаќа игралишта за кошарка, одбојка, како и комбинирано игралиште за ракомет и мал фудбал.

Продолжуваат и градежните работи на спортските терени во дворот на Основното училиште „Даме Груев“, со цел подобрување на условите за учениците и спортските активности.

Општината работи и на проширување на капацитетите за паркирање. Во тек се почетните активности за изградба на нов паркинг кај „Овчи пазар“.

Од Општина Битола истакнуваат дека реализацијата на овие проекти е дел од континуираните активности за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот на граѓаните.

ВИДЕОТО МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА

Scroll to Top