Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, ги повика граѓаните вечерва да присуствуваат на новата музичка вечер во рамки на проектот „Од 0 до КултурА“.
На Камената бина, со почеток во 21:00 часот, ќе настапи прилепскиот панк-рок и поп-панк бенд Side Quest, млад состав кој со својата енергија, талент и авторски пристап го гради своето место на македонската алтернативна музичка сцена.
„Од 0 до КултурА“ продолжува со уште една одлична музичка приказна, а публиката ќе има можност да проследи музичко патување низ историјата на панк-рокот – од неговите почетоци до современите влијанија, порача Проданоски.
Тој истакна дека целта на проектот е да им се даде простор на локалните бендови и изведувачи да се претстават пред прилепската публика, но и да се збогати културната понуда во градот.
„Да ги поддржиме нашите локални музичари и заедно да уживаме во уште една прекрасна летна вечер исполнета со добра музика и позитивна атмосфера“, порача градоначалникот Проданоски






